MK | EN | SQ

skopje.gov.mk
Официјален портал на Град Скопје
Презентиран Планот за подобрување на квалитетот на воздухот
НАЈГОЛЕМОТО ЗАГАДУВАЊЕ СО ПМ10 ВО СКОПЈЕ ПОТЕКНУВА ОД ЗАГРЕВАЊЕТО НА ДОМОВИТЕ

Според Планот за подобрување на квалитетот на воздухот во Скопскиот плански регион што го изработија Финскиот институт за метеорологија, Австриската агенција за животна средина, Градот Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање, во Скопје и скопскиот регион најголемото загадување со ПМ10 честички во воздухот потекнува од загревањето на домаќинствата, и тоа со 32%.

Потоа следуваат сообраќајот со 20%, прашината создадена од неуредените површини, уличната прашина и прашината од градежните активности - 19%, индустријата – 18%, сулфатните соли – 7%, нитратните соли – 2%, и прекуграничниот пренос на загадувачки супстанции – 2%. Овие податоци беа објавени на презентацијата на Планот за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух на подрачјето на Скопскиот регион, на Краткорочниот план за квалитет на воздухот во Скопскиот регион и на Интегрираниот катастар на загадувачите на животната средина што се одржа денеска /16.12.2016 година/ во просториите на Град Скопје, а на која присуствуваше градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

- Завлеговме во сезоната кога мерните инструменти бележат зголемена загаденост на амбиентниот воздух и зголемени концентрации на партикуларни честички во воздухот. Граѓаните тоа најмногу го чувствуваат и од нас бараат да понудиме решенија. Поради тоа, сметам дека е од исклучителна важност отворено да проговориме за ситуацијата со која сме соочени, за нашите можности, за нашите чекори и преземени активности. Градот Скопје уште во февруари 2011 година на улицата Македонија постави автоматски инструмент, којшто вршеше мерење на загадувачките материи во воздухот, и тоа јаглеродмоноксид, сулфурдиоксид, азотни оксиди и партикуларни честички помали од 10 микрометри. Тогаш, јас, како градоначалник на Градот Скопје, прв ја отворив Пандорината кутија и јавно проговорив за тоа каков воздух дишат граѓаните на Скопје. Уште тогаш, пред граѓаните јасно ставив до знаење дека Градот Скопје и јас како градоначалник нема да бегаме од одговорноста и ќе се соочиме со сите предизвици. Така е до ден денешен. Обврската за преземање мерки за заштита на воздухот од загадување не е само на Град Скопје, туку на сите 17 општини од Скопје и од скопскиот регион. Не може само од Градот Скопје да се чека да ја заврши работата. Затоа, ги повикав сите 17 градоначалници да присуствуваат на оваа презентација и да се вклучат во активностите за намалување на загадувањето, заедно со сите државни институции – рече денеска градоначалникот Коце Трајановски, во своето обраќање пред присутните.

Трајановски додаде дека целта на Градот Скопје е да се добијат одговори на прашањата кој загадува во Скопје и од каде потекнува најголемото загадување – дали од индустриските капацитети, дали од сообраќајот, дали од затоплувањето на домовите?

- Дел од тие одговори Ви ги нудиме во трите документи што денеска ги презентираме пред Вас. Според податоците што се содржат во овие документи, во Скопје и скопскиот регион најголемото загадување со ПМ10 честички во воздухот потекнува од загревањето на домаќинствата со 32%, од сообраќајот – 20%, од прашината создадена од неуредените површини, уличната прашина и прашината од градежните активности - 19%, од индустријата – 18%, од сулфатните соли – 7%, од нитратните соли – 2%, и од прекуграничниот пренос на загадувачки супстанции – 2%. Воздухот не познава граници. Токму затоа ги повикувам моите колеги градоначалници и сите надлежни служби да се ангажираат и да се вклучат во заштитата на амбиентниот воздух од загадување и да ги спроведат потребните мерки, зашто сите општини во Република Македонија имаме исти надлежности во оваа сфера – нагласи Трајановски.

Во Градот Скопје денеска се одржа презентација на Планот за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух на подрачјето на Скопскиот регион и на Краткорочниот план за квалитет на воздухот во Скопскиот регион, чија изработка ја финансираше Европската Унија, преку ИПА Програмите. Во изработката на плановите учествуваа Финскиот институт за метеорологија, Австриската агенција за животна средина, Градот Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање. Свој придонес во подготовката на овие документи дадоа и Центарот за развој на Скопскиот плански регион и компанијата Технолаб.

Денеска беше презентиран и Интегрираниот катастар на загадувачите на животната средина – документ што е неопходен на Градот Скопје зашто дава целосна слика за состојбите во животната средина, како и сознанија за загадувачите кои не се во негова надлежност, а за кои нема подетални информации. Овие податоци отвораат можност навреме да се преземат мерки до надлежните органи и институции на централно и локално ниво за да се спречат или надминат евентуалните нарушувања на животната средина во градот. Градот Скопје го финансираше овој проект од сопствени средства. Изготвувач на овој документ е компанијата Технолаб.

- Сакам да нагласам дека освен подготовката на вакви планови Градот Скопје, во изминативе осум години презема конкретни мерки за намалување на загадувањето на воздухот, и тоа: Градските улици се прскаат со средството калциум магнезиум ацетат за контрола и намалување на ситната прашина; воведовме посебен сообраќаен режим за тешките товарни возила чија крајна дестинација не е Скопје, а кои се упатуваат да ја користат обиколницата, воведовме бесплатен автобуски превоз за повозрасните граѓани, за средношколците и за други граѓани, со помош на Владата на РМ набавивме повеќе од 300 нови автобуси со ЕУРО 4 и ЕУРО 5 мотори, воведовме Автоматизиран систем за управување на сообраќајот (ЦУКС), градиме и реконструираме велосипедски патеки како дел од проектот „СКОПЈЕ ВЕЛОГРАД 2017“ и ги поттикнуваме граѓаните што помасовно да го користат велосипедот како превозно средство; го надградуваме проектот за изнајмување велосипеди од пунктовите на ЈП „Градски паркинг“; Градот Скопје е првата локална самоуправа што набави електричен автомобил, електроскутери и електровелосипеди за потребите на администрацијата, а за граѓаните дополнително набавивме и електромобили, електровелосипеди и електротротинети; За граѓаните поставивме два полначи за електрични возила во катните гаражи „Македонска фаланга“ и „Тодор Александров“; Почнавме постапка за набавка на 50 нови електроавтобуси со што значително ќе се намали загадувањето на воздухот од јавниот превоз; На јавните зелени површини засадивме повеќе од милион листопадни и зимзелени садници, подигаме нови зелени површини и се вклучуваме во акцијата Ден на дрвото – засади ја својата иднина; Изработивме Инвентар на стакленички гасови за просторот на Скопскиот плански регион, а во завршна фаза е изработката на Стратегијата за климатски промени; Редовно тече постапката за издавање Б – интегрирани еколошки дозволи и Елаборати за заштита на животната средина, а се вршат и редовни контроли на инсталациите од страна на градските инспекциски органи; На граѓаните доделивме 196 субвенции за купување печки на пелети, а со оваа активност ќе продолжиме и во наредната година – потенцира градоначалникот Трајановски на денешната презентација.

Назад   

Креиран од UserAA на 16.12.2016
ИНСТИТУЦИИ

 

        

 


 

НАЈАВИ

Facebook

Twitter

Youtube Channel

FUPOL

 

 


Администрација |  Контакт |  Прашања |  Разгледници
Copyright(C)2009 Град Скопје
Посетители: 8848659