|
Град Скопје продолжува со акцијата за отстранување на заболените, исушени и накосени тополи од просторот покрај булеварите. Со тоа се штити безбедноста на минувачите, како и здравјето на граѓаните кои често се жалат на алергиски реакции како последица на цветањето на тополите.
Со акцијата, во оваа фаза, опфатен е булеварот „Мито Хаџивасилев Јасмин“, на делот спроти АМСМ, каде што треба да се отстранат 40 стебла. На булеварот „Теодосиј Гологанов“, спроти млечниот ресторан, треба да се исечат 30 стебла, кај „Алумина“ 20 стебла и кај ТЦ „Олимпико“ треба да се отстранат 30 стебла.
Акцијата ќе продолжи и во наредниот период, при што, ќе бидат отстранувани тополи во градскиот парк и во населбата Топанско поле.
Оваа акција, која има за цел да го заштити здравјето и безбедноста на граѓаните, континуирано ќе се спроведува до 2012 година, при што, 1.400 стебла тополи треба да се отстранат и да се заменат со 2.500 - 4.200 стебла благородни дрвени насади. Според стручните проценки наместо исечените тополи најдобро би било да се засадат јавори, платани или јасени.
Град Скопје во периодот на вегетација ќе почне со сукцесивно засадување на две до три садници на местото на исечените тополи. |