MK | EN | SQ

skopje.gov.mk
Официјален портал на Град Скопје

ГРАДОТ СКОПЈЕ Е ПРВ ГРАД ОД СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА КОЈ СЕ ПРИКЛУЧУВА НА МРЕЖАТА НА ЗЕЛЕНИ ГРАДОВИ

Градоначалникот Петре Шилегов и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, денеска присуствуваа на работилницата за проектот „Акциски план Скопје Зелен Град“, што е поддржан од Европската банка за обнова и развој и има за цел да ги идентификува најважните предизвици за подобрување на животната средина и обезбедување одржлив развој на Скопје.

 

- Градовите се главните двигатели на социјалниот, економскиот и технолошкиот развој на општеството. Според ОН, околу половина од светската популација живее во урбани области, а до 2030 година тој процент ќе се зголеми најверојатно над 60%. Урбаните активности во голема мера влијаат врз животната средина и врз целокупниот квалитет на животот на граѓаните во урбаните области. Токму поради ова, локалните власти имаат обврска да се грижат за животната средина, за квалитетот на воздухот и за сообраќајниот метеж со кој се врши притисок врз ограничените зелени површини, земјиштето и водните ресурси. За одржлив развој на зелени градови од големо значење е да се препознае односот меѓу аспектите на животната средина и економските и општествените прашања. Ваквото размислување е во целосна согласност со Агендата за одржлив развој и Целите на ОН за одржлив развој  до 2030 година, а особено Целта 11 со која се повикуваат властите да ги направат градовите и населбите инклузивни, безбедни, цврсти и одржливи – рече денеска градоначалникот Шилегов.

 

„Програмата  на зелени  градови“ на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) има за цел да изгради подобра и одржлива иднина за градовите и нивните жители. Ова се постигнува преку идентификација, одредување на приоритетите и поврзување на предизвиците за животната средина во градовите со одржливи инфраструктурни инвестиции и јавни политики.

 


- Градот Скопје е прв град од Северна Македонија кој се приклучува на мрежата на зелени градови и ја започнува изработката на Акцискиот план за зелен град, кој е фокусиран на низа предизвици во рамките на урбаниот одржлив развој и животната средина во градот. Иницијална каписла за почнување на овој процес беше реализацијата на проектот на Град Скопје и на ЈСП за набавка на 35 автобуси на природен гас (CNG) во висина од 10 милиони евра, средства обезбедени преку заем од ЕБОР. Акцискиот план треба да му помогне на градот Скопје да ги идентификува најчувствителните предизвици за животната средина, да направи листа на приоритети и да ги адресира. Тоа се однесува на: цврстиот отпад и рециклирањето, централното греење, третманот на отпадните води и урбаниот транспорт; се  со цел да се намали локалното загадување, да се подобри енергетската ефикасност и ефикасноста на ресурсите, како и да се промовира адаптација кон климатските промени – додаде Шилегов.

 


 

Акцискиот план ќе се изработува околу 13 месеци, пред да се разгледува и усвои на седница на Советот на Град Скопје. Клучните сектори кои  ќе бидат опфатени со овој акциски план се: сообраќајот, градежните објекти, индустријата, енергијата, водата, цврстиот отпад и употребата на земјиштето. Во изработката на Акцискиот план ќе се применуваат утврдени индикатори за да се прикаже моменталната состојба со животната средина/екологијата во градот и потоа ќе се развие долгорочна визија (10 години), приоритети на среден рок (од 5 до 10 години) и краткорочни акции/мерки (од 1 до 5 години).

На работилницата присуствуваа и претставници од ЕБОР и од проектот ATKINS.

Назад   

Креиран од UserAA на 27.03.2019
ИНСТИТУЦИИ

 

  

НАЈАВИ
30.11.2019 ЗАПОЧНА ПОСТАПКАТА ЗА СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ НА ГРАЃАНИТЕ ЗА НАБАВКА НА ИНВЕРТЕР КЛИМА УРЕДИ
30.11.2019 СУБВЕНЦИИ ЗА НАБАВКА НА ПЕЧКИ НА ПЕЛЕТИ
30.11.2019 ГРАД СКОПЈЕ ПРОДОЛЖУВА СО СУБВЕНЦИОНИРАЊЕТО НА ЧИСТЕЊЕТО НА ОЏАЦИТЕ ВО СКОПЈЕ
ПРОЦЕДУРИ И УСЛУГИ ЗА ЛОКАЛНИ ДАНОЦИ .

Facebook       Twitter        Youtube Channel

 


Администрација |  Контакт |  Прашања |  Разгледници
Copyright(C)2009 Град Скопје
Посетители: 12839009