MK | EN | SQ

skopje.gov.mk
Официјален портал на Град Скопје

ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ЈА ПРИФАТИ КАНДИДАТУРАТА НА ГРАД СКОПЈЕ ЗА „ЕВРОПСКА ЗЕЛЕНА ПРЕСТОЛНИНА 2021“

 

Европската комисија ја прифати кандидатурата на Град Скопје за престижното признание „Европска зелена престолнина“ во 2021 година. Оваа награда која е воведена во 2010 година го вреднува напредокот што ќе го постигне еден град во спроведувањето на зелените политики, односно напредокот во подобрувањето на животната средина. Со поднесувањето на апликацијата за ова признание Градот Скопје покажува стратешка определба да преземе конкретни чекори за почиста и поздрава животна средина, што е дел и од изборната програма на градоначалникот Шилегов.

За наградата „Европска зелена престолнина 2021“ се натпреваруваат девет града, и тоа Будимпешта (Унгарија), Калјари (Италија), Дижон (Франција), Лахти (Финска), Лил (Франција), Скопје (Македонија), Стразбур (Франција), Тирана (Албанија) и Вестерос (Шведска).

 

Градот Скопје апликацијата за ова престижно признание ја поднесе во октомври годинава. Апликацијата која е на 150 страници содржи вовед и опширни одговори на прашања за постојната состојба со животната средина во градот, минатите активности во оваа област и плановите и чекорите што ќе ги преземе Град Скопје до 2021 година во 12 индикатори (показатели), и тоа: ублажување на климатските промени, приспособување на климатските промени, одржлива урбана мобилност, одржлива употреба на земјиштето, природа и биодиверзитет, квалитет на воздух, бучава, отпад, води, зелена површина и еко-иновација, енергетски перформанси и управување.

 

-       Параметрите по кои ќе не оценуваат се од 12 области од животната средина, при што се гледа појдовната позиција на градот пред една година кога јас ја преземав функцијата градоначалник, што е преземено во таа година и која е стратегијата на градот за подобрување на условите во средината и за развој. Признанието „Европска зелена престолнина“ не се однесува само на зеленилото, тоа е начин на функционирање на градот - алтернативниот превоз, енергетската ефикасност, транспортот и сите други мерки што ги преземаме за подобрување на животот на граѓаните. Во наредниот период ќе бидеме под засилен надзор, очекувам дека нашата стратегија за поздрава и почиста животна средина ќе наиде на позитивно мислење во Европската комисија. Самото прифаќање на нашата кандидатура е показател дека Скопје е на добар пат да ги надмине проблемите во кои живееме – објаснува градоначалникот Шилегов.

Апликацијата ја составуваа следните експерти од областа на животната средина предводени од Менка Спировска:

 

-       Јулијана Никова (Индикатор 1 – Климатски промени – Ублажување);

-       Марија Николовска (Индикатор 2 – Климатски промени – Адаптација);

-       Јован Христоски (Индикатор 3 – Урбана мобилност);

-       Дивна Пенчиќ (Индикатор 4 – Одржливо користење на земјиштето);

-       Славчо Христовски (Индикатор 5 – Природа и биолошка разновидност);

-       Билјана Герасимовска (Индикатор 6 – Квалитет на воздух);

-       Бошко Ников (Индикатор 7 – Бучава);

-       Ана Стојановска (Индикатор 8 – Отпад);

-       Тања Николовска (Индикатор 9 – Води);

-       Славјанка Пејчиновска Андонова (Индикатор 10 – Зелен раст и еко-иновации)

-       Ирена Златановиќ (Индикатор 11 – Енергетски перформанси), и

-       Борис Стипцаров (Индикатор 12 – Управување).

 

Во составувањето на апликацијата беа вклучени и стручни лица од секторите во Град Скопје, како и повеќе државни институции.

 

Во наредниот период Градот Скопје ќе биде предмет на евалуација од жири-комисија која ќе го вреднува напредокот на Скопје во сите области опфатени во апликацијата. Комисијата ќе престојува и во Скопје и на терен ќе ја согледа состојбата со животната средина и активностите за подобрување. Жирито ќе ја процени посветеноста на градовите апликанти на одржливоста на урбаниот развој, нивниот капацитет да бидат пример за другите градови и нивната стратегија за комуникација и ангажирање на нивните граѓани. Во април 2019 година ќе се направи потесен избор на градови кандидати за добивање на оваа награда.

 

Аплицирањето за оваа награда придонесе да се забрзаат активностите на Градот Скопје за почиста и поздрава животна средина, беа согледани реалните состојби и беше даден поттик да се подобрат работите.

 

Престижната награда „Европска зелена престолнина“ досега ја добија:

 

-       Стокхолм 2010

-       Хамбург 2011

-       Виториа – Гастејс 2012

-       Нант 2013

-       Копенхаген 2014

-       Бристол 2015

-       Љубљана 2016

-       Есен 2017

-       Најмеген 2018

-       Осло 2019

-       Лисабон 2020

Назад   

Креиран од UserAA на 23.11.2018
ИНСТИТУЦИИ

 

  

НАЈАВИ
ПРОЦЕДУРИ И УСЛУГИ ЗА ЛОКАЛНИ ДАНОЦИ .

Facebook       Twitter        Youtube Channel

 


Администрација |  Контакт |  Прашања |  Разгледници
Copyright(C)2009 Град Скопје
Посетители: 12085324