MK | EN | SQ

www.skopje.gov.mk
Официјален портал на Град Скопје
Времето во Скопје
Прогноза
Умберто Ватани



Во знак на благодарност за  активната заложба да и помага на нашава земја на дипломатскo, политичкo, економскo и културно пoлe, на иницијатива на  Градоначалникот Трифун Костовски, Советот на Град Скопје на седмата седница, одржана на 17 октомври 2005 година, го прогласи Умберто Ватани за почесен граѓанин на градот Скопје.



Умберто Ватани е роден во Скопје на 5-ти декември 1938 година како прво дете на тогашниот Конзул на италијанската амбасада во нашиот град.

Градејќи го својот професионален развој, римјанинот од Скопје, создава една богата листа на титули и улоги како општественик и политичар.

Својата дипломатска кариера ја започнува во 1962 година. Од 1963 до 1965 година Умберто Ватани е член на италијанската делегација при Генералното собрание на Обединетите нации. Од 1966-та до 1969-та работи во Париз, во рамките на италијанската мисија во ОЕЦД, за потоа да замине во Лондон, како советник во Италијанската Амбасада.

Крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите ги поминува како личен претставник на Претседателот на советот на самитите на Г7.  Во април 1992 година е наименуван за Амбасадор во Федерална Република Германија, која функција ја извршува се до август 1996 година. Веднаш по враќањето во италијанското Министерство за надворешни работи, станува Шеф на Кабинетот на тогашниот министер за надворешни работи, Н.Е. Ламберто Дини. Од 1997-2001 година, Умберто Ватани е носител на функцијата Државен секретар за надворешни работи. Во тој период, значаен како за Балканот така и за Македонија,  Ватани неуморно се залага за сочувувањето на суверенитетот и интегритетот на Република Македонија.

Од 2001-ва до 2004-та е постојан претставник на Италија во Европската Унија во Брисел, за да од 18-ти Јули 2005 стане Претседател на Италијанскиот институт за надворешна трговија - ИЧЕ.

Италијанскиот институт за надворешна трговија е основан во 1926 година, со основна задача да ја промовира, олеснува и развива трговската соработка на Италија со други земји. Како резултат на постигмнатите резултати во изминатите децении, во 1998 година на Институтот му е доделена улогата да ги прибира сите информации за странските пазари, бизнис можностите и конјуктурни движења во светската економија. За таа цел отворени се 104 канцеларии во 80-ет земји во светот. Една од нив  е и во нашава земја, во Скопје.

Од 1-ви јуни 2000-та година, од кога постои кацеларијата на ИЧЕ во Скопје, повеќе од 500 македонски фирми се имаат обратено за асистенција, а ако се земат во предвид и традиционалните односи на соработка меѓу Италија и Македонија, ова претставува уште една потврда за потенцијалот на идната соработка.

Бесценета е и неговата заложба на културно поле, со посебен осврт кон македонското културно наследство (промовирање на македонската традиција и култура и на македонските уметници). Од посебна важност е неговата иницијатива за изложбената поставка на македонскиот иконостас “ECCE HOMO” (уметничко дело на реномираните уметници, архитекти и скулптори, Владимир Ѓорѓиевски и Кокан Грчев) во 2004 година, во зградата на италијанското Министерство за надворешни работи, за време на манифестацијата “Македонија во чест на Свети Кирил” која традиционално секоја година се одржува во Рим.  

Покрај иницијативите за реставрација на музеи, културно историски споменици и археолошки наоѓалишта, господинот Ватани е промотер на проекти и иницијативи, кои посебно се однесуваат на културното наследство на градот Скопје.


| Најава
Администрација |  Контакт |  Прашања |  Разгледници
Copyright(C)2009 Град Скопје
Посетители: 12085292