MK | EN | SQ

www.skopje.gov.mk
Официјален портал на Град Скопје
Времето во Скопје
Прогноза
Торвалд Столтенберг
   Торвалд Столтенберг (Thorvald Stoltenberg)
 
 
Норвешкиот истакнат политичар Торвалд Столтенберг (Thorvald Stoltenberg) e голем пријател на градот Скопје. Тој има исклучителни заслуги за помошта што му ја овозможил на градот Скопје после катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Во тоа време, Столтенберг работел како Секретар во Норвешката амбасада во Белград, во бивша СФРЈ. После веста за земјотресот, утрото на 26 јули 1963 година, Столтенберг заедно со својот колега од Данската амбасада во Белград, веднаш заминал за Скопје. Потресен од состојбата што ја видел во градот, тој ја известил Владата во Норвешка и Црвениот Крст во Норвешка, потенцирајќи ја потребата од итна помош за настраданите од тешката несреќа. Во тоа време, Норвешкиот Црвен Крст веднаш започнал со преземање на активности за испраќање на помош за настраданото Скопје. Само еден ден по земјотресот, со транспортен авион, во Скопје биле испратени 2300 волнени ќебиња, 80 килограми антибиотици, 250 пакети за трансфузија на крв, како и 5000 пакети за прва помош. Торвалд Столтенбер ја координирал оваа хуманитарна акција на Норвешкиот Црвен крст наменета за Скопје.
 
Во деновите после земјотресот, во Скопје пристигнала норвешка делегација, составена од претставници на владата и претставници на невладини организации од Норвешка. Делегацијата, соочена со тешката состојба во којашто се наоѓало Скопје, ги согледала потребите и барањата на тогашните македонски и скопски власти. Како резултат на големата помош од норвешката и данската влада и Норвешкиот црвен Крст, во Скопје била изградена Детската болница за белодробни заболувања . Торвалд Столтенберг ги координирал работите поврзани со изградбата на оваа болница во Скопје, сè до нејзиното отворање во 1965 година.
 
Торвалд Столтенберг е роден 1931 година во Осло, Норвешка.Тој студирал меѓународно право и меѓународни односи во Австрија, Швајцарија, САД и Финска. Во текот на својата богата политичка и дипломатска кариера, амбасадорот Столтенберг бил вице-конзул во Сан Франциско(1959-1961), секретар во Амбасадата на Норвешка во тогашната СФРЈ(1961-1964), секретар и извршен офицер во Министерството за надворешни работи на Норвешка, конзул во Амбасадата на Норвешка во Лагос(1970), норвешки министер за надворешни работи, за одбрана и за трговија. Во 1984 година, Столтенберг бил член на Советот на Осло, од редовите на Работничката партија и член на извршната власт на Осло, надлежен за културни прашања. Тој работел и како член на комисиите за финансии и планирање. Од 1985-1987 бил заменик градоначалник на Осло.
 
Торвалд Столтенберг бил норвешки амбасадор во Обединетите нации (1989 година), Висок комисионер за бегалци при Обединетите нации (1990 година). Од 1993-1996 година Столтенберг бил специјален претставник на Генералниот секретар на ОН за бивша Југославија и ко-претседавач на Надзорниот комитет на Меѓународната конференција за бивша Југославија.
 
Од октомври 1999 година, Торвалд Столтенберг е претседател на Норвешкиот Црвен крст.
 
Торвалд Столтенбер е оженет и има три деца. Неговиот син Јенс Столтенберг е истакнат политичар во Норвешка од редовите на Работничката партија и сегашен премиер на Норвешка.

| Најава
Администрација |  Контакт |  Прашања |  Разгледници
Copyright(C)2009 Град Скопје
Посетители: 12085420