MK | EN | SQ

www.skopje.gov.mk
Официјален портал на Град Скопје
Времето во Скопје
Прогноза
Лоренс Иглбергер
   Лоренс Иглбергер  (Lawrence S. Eagleburger)
 
 
 
Лоренс Иглбергер (Lawrence Sidney Eagleburger) е познат како Лоренс од Македонија заради неговиот придонес и помошта што ја има пружено на градот Скопје за време на катастрофалниот земјотрес во 1963 година.Во тој период тој работел во Амбасадата на САД во тогашната СФРЈ, како Втор Секретар за економски прашања. Како млад дипломат во тоа време, Иглбергер ја менаџирал и координирал големата американска помош за настраданите од земјотресот и има огромна заслуга за промптното подигање на Американската воена полска болница во Скопје. Заради неговата несебична ангажираност во тоа тешко време и големата приврзаност што ја покажувал кон Македонија, тој го добил прекарот “Лоренс од Mакедонија”. Уште во тој период, Иглбергер покажал видлива пристрасност кон Македонија и кон Скопје.
 
Токму заради големиот гест околу помошта за градот Скопје, Лоренс Иглбергер во текот на својот мандат како амбасадор на САД во Белград (1977-1980 година), стекнал голема популарност. Од тогаш често доаѓал да ја посети Македонија и Скопје. Во едно од многубројните последни интервјуа, тој вели: Не сум бил во Македонија и Скопје најмалку десет години, но се сеќавам многу добро на 26 јули 1963 година. Се сеќавам многу добро на храброста на граѓаните на Скопје по катастрофата и се сеќавам колку напорно работеа за да го изградат повторно градот. Со голема наколонетост се сеќавам и на Скопје и на Mакедонија”.
 
Лоренс Иглбергер е роден во Милвоки, Висконсин во 1930 година. Дипломирал и магистрирал на Универзитетот во Висконсин. Од 1957 година бил ангажиран во надворешната политика на САД, работејќи во повеќе амбасади и конзулати на САД во светот.
 
Иглбергер е истакнат американски дипломат од кариера. Во текот на својата богата кариера, тој секогаш бил на високи функции во Стејт Департментот. Од 1969-1971 година работел за администрацијата на Nixon како асистент за националниот советник за безбедност. Во периодот од 1973 до 1977 година бил Заменик на тогашниот државен секретар на САД, Henry Kissinger, а од 1977 до 1980 година од страна на Jimmy Carter бил именуван за амбасадор на САД во тогашната СФРЈ. Во 1982 година Иглбергер од претседателот Ronald Reagan бил назначен за Државен подсекретар за европски прашања, а од страна на George H.W. Bush во 1989 година е именуван за Заменик Државен Секретар на САД. Во 1992 година Иглбергер бил именуван на функцијата Државен Секретар на САД, што е втора по ранг функција во Соединетите Американски Држави.
 
Лоренс Иглбергер е влијателен американски политичар кој во својата политичка и дипломатска кариера има постигнато големи резултати во смирување на односите при крајот на студената војна, промените во тогашниот СССР, како и конфликтите на Балканот. Заради посебната приврзаност кон Македонија, тој секогаш бил заинтересиран за нејзиниот политички развој и лобирал за јакнење на позицијата на Република Македонија на меѓународен план.
 
Лоренс Иглбергер сèуште е активен во политиката на САД и активно ги следи и анализира политичките збиднувања во САД и во светот. Негува голема доза на пријателство, симпатии и почит за Република Македонија и градот Скопје и редовно ги следи актуелните состојби во државата. Во неговите коментари и интервјуа што ги дава во последно време, Лоренс од Македонија постојано ја потенцира поддршката што ја дава САД на нашата земја, неговата лична заинтересираност за иднината на државата и стабилноста на регионот.
                                                                       
 
 

| Најава
Администрација |  Контакт |  Прашања |  Разгледници
Copyright(C)2009 Град Скопје
Посетители: 11996001