MK | EN | SQ

www.skopje.gov.mk
Официјален портал на Град Скопје
Времето во Скопје
Прогноза
Кристофер Хил
           Кристофер Хил    (Christopher R. Hill)
 
 
 
 
Кристофер Р. Хил е американски дипломат кој од 1996-1999 година ја вршеше функцијата прв амбасадор на Соединетите Американски Држави во Република Македонија.
 
На почетокот на 90-тите години на минатиот век САД беше една од првите држави која воспостави дипломатски односи со Република Македонија и отвори дипломатска мисија во Скопје. Кристофер Хил како прв амбасадор на САД во Република Македонија има исклучителна заслуга во развивањето и јакнењето на релациите и соработката помеѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави. Тој има голема заслуга и во јакнењето на меѓународната позиција на Република Македонија во еден турбулентен период на Балканот, во првите години од независноста на Република Македонија и таа негова заслуга е од огромна важност со долгорочни последици за нашата земја.
 
Во релациите со македонските институции и политичките претставници, за време на мандатот во Република Македонија, Кристофер Хил покажа висок степен на разбирање за она што во меѓународната политика значи фундаментален контекст на билатерални односи помеѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави. Според овој познат американски дипломат најдобриот пристап за решавањето на проблемите е почитувањето на геополитичките, економските и безбедносните реалитети, како и меѓусебното разбирање на заедничките вредности што ги поврзуваат државите и народите.
 
За време на престојот во Република Македонија, господин Хил покажа голема способност за препознавање на локалните традиции и луѓето со различни политички, етнички и религиозни убедувања. Живеејќи во Скопје, Кристофер Хил беше често присутен на многу градски настани и стекна многу пријатели од градот. Неговите заслуги во правец на јакнењето на меѓународната позиција на Република Македонија се всушност и заслуги за јакнењето на меѓународната позиција на Скопје, како главен град на државата.
 
Кристофер Хил е роден 1952 година. Дипломирал економија на Bowdoin-колеџот во Брунсвик и магистрирал на колеџот Naval war.Тој бил волонтер во Peace corps во Камерун каде ги добил и првите лекции за дипломатија.
 
Својата дипломатска кариера ја започнал 1977 година и оттогаш работел во повеќе амбасади на САД низ светот. Од 1978-80, Амбасадорот Хил бил во Белград; од 1983-85 бил во Варшава и од 1985-88 бил во Сеул.
 
Кристофер Хил има одлично познавање за состојбите во Балканот. Од 1989-1990 година Хил бил специјален претставник на мисијата во Косово, а од 1996-1999 година ја вршеше функцијата амбасадор на САД во Република Македонија.За време на неговиот престој на Балканот, Кристофер Хил работел со господин Ричард Холбрук на кого и му бил заменик околу Дејтоновите разговори за мир во 1995 година.
 
Во периодот од 2000-2004 година Кристофер Хил бил амбасадор на САД во Полска, а од 2004-2005 година повторно работел во Кореа како амбасадор. Во ноември 2006 година Хил бил номиниран за министер од кариера, што всушност претставува втора по ранг функција во дипломатската кариера на САД.Хил зборува полски, српски, хрватски, македонски и албански јазик.
 
Од декември 2007 година, господин Кристофер Хил работи како Помошник Државен секретар за Источна Азија и Пацифик.
 
Кристофер Хил е добитник на наградата за мировните преговори “Роберт Фрасур” за неговата работа за време на кризата во Косово. Амбасадорот Хил е добитник и на специјалната награда на Стејт Департментот за неговиот допринос како член на преговарачкиот тим од САД, во воспоставувањето на мир во Босна.
.
За исклучителниот придонес во креирањето на солидни билатерални односи помеѓу Република Македонија и САД и зацврствувањето на меѓународната позиција на РМ, во 2007 година на сегашниот Помошник државниот секретар на САД за Источна Азија и Пацифик, господин Кристофер Хил му е доделен и орден за заслуги ”8 Септември” од страна на Претседателот на Република Македонија, г. Бранко Црвенковски.
 

| Најава
Администрација |  Контакт |  Прашања |  Разгледници
Copyright(C)2009 Град Скопје
Посетители: 11995978